Стани заштитник на планетата.
Овој курс има за цел да ги запознае учениците со актуелните еколошки предизвици преку практична примена на дигиталните технологии. Истражувајќи теми како загадувањето, климатските промени, загрозените видови, отпадот и потрошувачката на природни ресурси, учениците учат да пронаоѓаат, анализираат и организираат релевантни информации. Потоа, преку креирање постери, разгледници и информативни брошури во Microsoft Word и Publisher, тие ги претвораат своите сознанија во јасни и креативни пораки за пошироката јавност.
На тој начин, курсот истовремено ги развива нивните дигитални и истражувачки вештини, критичкото размислување и способноста за визуелна комуникација, додека ја гради свеста за личната одговорност, одржливиот развој и важноста од активно учество во заштитата на животната средина.
Цели
По завршување на курсот, учениците ќе умеат:
Овој курс има за цел да ги поврзе еколошката писменост, истражувачките вештини и дигиталната креативност, овозможувајќи им на учениците да користат технологија за создавање јасни, аргументирани и визуелно привлечни пораки за важни прашања од животната средина.
Задачи
Курсот TechnoEnvironment се состои од 14 задачи поделени во шест сесии.
Сесија 1: Истражување на темата
Учениците истражуваат актуелен еколошки проблем. За почеток, се запознаваат со важноста на одговорното управување со животната средина. Потоа избираат тема и во Microsoft Word изработуваат план за истражување, користејќи наслови за организирање на собраните факти. Преку интернет пребаруваат информации за проблемот, неговото влијание врз животната средина и можните решенија. Учениците ги евидентираат изворите на информациите и собираат соодветни слики поврзани со темата. Ова истражување ќе послужи како основа за публикациите што ќе ги изработуваат во следните сесии.
Сесија 2: Разгледница со порака
Учениците изработуваат разгледница со која повикуваат пријател да се вклучи во заштитата на Земјата. За да се подготват за задачата, најпрво се запознаваат со Microsoft Publisher и неговата работна околина, а потоа отвораат готов шаблон. Учениците учат како да креираат и форматираат форми за да ја дизајнираат предната страна на разгледницата и додаваат впечатлив наслов со помош на текстуално поле. За да го привлечат вниманието кон избраниот еколошки проблем, вметнуваат слика што ги прикажува неговите штетни последици и додаваат краток опис. На задната страна од разгледницата пишуваат порака со повик за акција.
Сесија 3: Потребна е помош!
Учениците креираат постер со наслов „Потребна е помош!“ преку кој објаснуваат што можат луѓето да направат за да придонесат кон заштитата на Земјата, користејќи ги фактите собрани во текот на истражувањето. Најпрво вметнуваат зачувана слика што ги илустрира штетните последици од избраниот еколошки проблем и ги применуваат стекнатите вештини за форматирање. Потоа додаваат слика од интернет и го уредуваат распоредот на елементите преку менување на нивниот редослед, порамнување, групирање и ротирање. Во продолжение го опишуваат проблемот и предлагаат активности со кои учениците можат да придонесат за негово решавање. На крајот додаваат графички елементи и впечатлив WordArt наслов за да го привлечат вниманието кон пораката на постерот.
Сесија 4: Едуцирајте ја јавноста
Учениците започнуваат со изработка на информативна брошура чија цел е да ја едуцира јавноста за избраниот еколошки проблем. Користејќи готов шаблон, применуваат различни елементи на дизајнот, вклучувајќи рамки за визуелно одвојување на панелите, графички елементи за создавање привлечна насловна страница и текстуални полиња за организирање на информациите. Откако ќе го утврдат распоредот на брошурата, учениците го применуваат стекнатото знаење за да го изработат првиот панел од публикацијата.
Сесија 5: Решете го проблемот
Учениците продолжуваат со изработката на брошурата, овој пат фокусирајќи се на можните решенија за избраниот еколошки проблем. Трите панели на втората страна ги пополнуваат со текст организиран во листи, слики, наслови и однапред дизајнирани графички елементи што го привлекуваат вниманието. Во третиот панел учениците учат како да додадат и форматираат табела во која ги споредуваат предностите и недостатоците на предложените решенија.
Сесија 6: Еколошки квиз
Учениците ја завршуваат изработката на информативната брошура. За да поттикнат активно вклучување на читателите, на задната страна додаваат краток квиз. Одговарајќи на прашањата, читателите ги проверуваат и повторуваат информациите што ги научиле за еколошкиот проблем. На овој начин, брошурата не само што информира, туку и поттикнува размислување, подигнување на свеста и активно вклучување во заштитата на животната средина.
Дополнителни активности за еколошко образование
Технолошка интеграција: математика, наука
Технолошка вештина: анализа на податоци, табеларни пресметки
Програма: Publisher, Word
Наставата се изведува:
во училница, со физичко присуство, под водство на инструктор
по однапред утврден распоред на часови