Водичи за родители

Како да изберете ИТ-програма за вашето дете?

Списокот на технологии не кажува доволно за квалитетот на една ИТ-програма. Поважно е што детето прави со нив, како решава задачи и колку постепено станува самостојно.

4 мин читањеПрегледи: 4
Споделете
Еверест ресурси

Python, вештачка интелигенција, Roblox, роботика, графички дизајн, Excel, HTML — кога споредувате ИТ-програми за деца, најлесно е да ги споредите токму овие зборови. Но списокот на технологии не кажува доволно за квалитетот на учењето. Многу покорисно е да прашате што ќе прави детето со технологијата што ја учи.

Прво прашајте што навистина се случува на час

Побарајте конкретен пример за еден типичен час. Каква задача добива детето? Што треба да создаде или да реши? Кои одлуки ги носи самото? Како проверува дали резултатот е добар?

Замислете две деца што работат во Excel. Едното учи каде се наоѓа одредена функција и ја повторува постапката што ја покажал наставникот. Другото добива резултати од анкета и треба да открие што покажуваат податоците: да ги организира, да избере како ќе ги обработи или прикаже и да го протолкува резултатот. И двете користат Excel, но не учат на ист начин.

Познавањето на алатката е важно — но е само почеток

Детето секако треба да научи како функционираат дигиталните алатки. Не може да направи добра презентација ако не знае како се уредува содржината, ниту да програмира ако не ги познава основите на јазикот што го користи.

Следниот чекор е да знае кога и како да го примени тоа знаење: која алатка му е потребна, што треба да направи со неа и како ќе провери дали резултатот има смисла.

И европската рамка DigComp 3.0 ја разгледува дигиталната компетентност многу пошироко од познавање софтвер или програмирање: таа опфаќа работа со информации и податоци, комуникација, создавање содржина, безбедност и решавање проблеми.

Затоа „напредно“ не значи автоматски „подобро“. Дете може да повтори прилично сложена постапка без целосно да разбира што прави, а навидум едноставна задача може да бара планирање, избор меѓу повеќе решенија и проверување.

Затоа, покрај прашањето „Колку напредни технологии ќе учат?“, вреди да прашате и колку разбирање и самостојност ќе се очекуваат од детето.

Што се случува кога детето ќе заглави?

Ова е еден од најдобрите тестови за наставата. Ако наставникот веднаш го даде решението, детето може успешно да ја заврши задачата, но да има малку простор самото да го најде следниот чекор. Од друга страна, ниту оставањето бесцелно да се мачи не е добра поддршка.

Добрата помош се приспособува на она што детето во моментот може да го направи: понекогаш е потребно објаснување или кратка демонстрација, а понекогаш е доволно прашање како „Што мислиш дека овде не функционира?“

Целта не е наставникот да помага што е можно помалку. Целта е со текот на времето детето да може да направи повеќе без целата постапка однапред да му биде покажана.

Не гледајте само што има на екранот на крајот

Веб-страница, игра, презентација или анимација може да изгледа одлично. Но финалниот производ не кажува како детето стигнало до него.

Дали сите ги повторувале истите чекори? Што направило детето кога нешто не функционирало? Може ли да објасни зошто употребило одредена алатка или функција?

  • Истото можете да го дознаете и дома, без да го испитувате детето. Прашајте го што требало да направи, каде заглавило, како продолжило и што би сменило ако го прави повторно.

Ако може со свои зборови да ја раскаже логиката зад резултатот, дознавате многу повеќе отколку од информацијата дека тој ден „работеле Python“ или „учеле PowerPoint“.

Проверете дали програмата има пат, а не само список на содржини

Ако детето ја посетува програмата повеќе години, погледнете што се менува од една година во следната. Дали само се додаваат нови технологии, или постепено стануваат посложени и задачите, расте самостојноста и детето добива можност да го применува наученото во различни контексти?

Особено во основното образование, нема потреба многу рано да знае која област најмногу го интересира. Вредно е да запознае различни начини на кои технологијата може да се користи, а потоа постепено да открива каде сака да оди подлабоко.

Пет прашања што вреди да ги поставите пред да одлучите

Не мора да ја познавате технологијата што ја нуди програмата. Побарајте конкретни одговори:

1. Што конкретно прават децата на еден типичен час?

2. Дали само повторуваат покажани чекори или треба и самите да донесуваат одлуки?

3. Што прави наставникот кога детето не знае како да продолжи?

4. Како се проверува дали детето разбира што прави, а не само ја повторува постапката?

5. Како програмата напредува од една година во следната?

Не постои една програма што е најдобар избор за секое дете. Но ако добиете јасни одговори за што прави детето, како учи, каква поддршка добива и како постепено станува посамостојно, ќе имате многу подобра основа за одлука од списокот на технологии на рекламата.

РЕСУРСИ ЗА РОДИТЕЛИ

Корисни текстови за родители, еднаш неделно.

Практични содржини за технологијата, учењето и развојот на децата — директно во вашето сандаче.

Може да се отпишете во секое време.

Во Еверест

Во Еверест проектите започнуваат со ситуација или задача, од која произлегува што треба детето да научи и кои дигитални алатки му се потребни за да создаде, провери и подобри конкретен резултат. Технологиите затоа не се цел сами за себе, туку дел од поширока, повеќегодишна програма за постепено стекнување функционални дигитални компетенции.

Погледнете ја Програмата →
← Водичи за родители
Споделете повторно