Учење и развој

Зошто е важно детето да истражува различни области пред да се специјализира?

Интересот за programming, графика или друга област е важен — но не мора веднаш да го стесни целото образование. Зошто поширокото искуство може да му помогне на детето да направи поинформиран избор подоцна?

4 мин читањеПрегледи: 5
Споделете
Еверест ресурси

„Моето дете го интересира програмирање. Зошто да учи нешто друго?“ Прашањето е сосема логично. Ако детето навистина ужива во programming, добро е да добие повеќе можности да програмира, да решава потешки задачи и постепено да оди подлабоко. Но интересот за една област не мора веднаш да значи дека сите други треба да исчезнат од неговото информатичко образование. Продлабочувањето на интересот не е исто што и стеснување на целото образование.

Интересите не мора да бидат готови однапред

Некои деца многу рано знаат дека нешто ги привлекува, додека други откриваат интерес дури откако ќе добијат можност вистински да пробаат нешто. Истражувањата покажуваат дека интересот не е секогаш однапред целосно формиран; може да се појави и да се развива преку конкретни искуства и задачи. Затоа она што детето го интересира денес е важно, но не мора да биде целата слика.

Дете кое никогаш не работело со податоци тешко може да знае дали ќе му биде интересно да бара обрасци во нив. Дете кое никогаш не направило анимација не знае дали ќе ужива во спојувањето приказна, слика и движење. Истото важи за веб, графика, програмирање, истражување, презентација на идеи и други начини на користење на технологијата. Тешко е да избереш меѓу нешта што никогаш не си ги пробал.

Пошироко не значи површно

Широката информатичка програма лесно може да се разбере како „по малку Word, по малку Excel, малку coding, малку графика“, но тоа не е идејата. Широчината има вредност само ако постои и прогресија. Детето може повторно да се врати на работа со податоци, но следниот пат со посложена задача; може повторно да програмира, но со повеќе одлуки што треба самото да ги донесе; може повторно да создава презентација, но со повеќе информации, појасна публика и повисоки барања за организација.

Така програмата не станува каталог на апликации, туку повеќегодишен процес во кој различните области постепено се продлабочуваат. И современите рамки за computer science прво градат широка основа низ повеќе области, а потоа отвораат простор за специјализирано продлабочување. Затоа изборот не мора да биде меѓу широчина и длабочина: детето може да гради широка основа и истовремено постепено да оди подлабоко во областите што најмногу го привлекуваат.

Една задача често бара повеќе од една област

Замислете дека децата треба да направат дигитален водич за некое место. Прво треба да пронајдат информации, да проценат што е важно, да ги организираат и да напишат текст што некој друг ќе може лесно да го разбере. Ако имаат и податоци, треба да одлучат како ќе ги прикажат, што ќе биде текст, што фотографија, дали им треба табела, карта или графикон и како целиот материјал ќе го претстават дигитално. Во една таква задача природно се среќаваат повеќе типови работа.

Тоа не значи дека мора на сила да ставиме што повеќе технологии во еден проект. Причината е многу поедноставна: реалните задачи ретко доаѓаат со етикета „Ова е само Excel“ или „Ова е само programming“. Алатката се избира според она што треба да се постигне.

Интересот треба да добие простор

Широката основа не значи дека сите деца мора еднакво да се интересираат за сè. Ако едно дете постојано сака да програмира, бара посложени задачи и доброволно продолжува да експериментира, треба да добие простор да оди подлабоко. Друго можеби ќе го привлече визуелното создавање, а трето работата со податоци. Продлабочувањето станува посмислено кога изборот доаѓа од вистинско искуство, а не само затоа што некоја технологија е моментално популарна.

Не ни треба фиксна возраст кога детето мора да избере. Поважни се знаците дека интересот трае, дека самото бара повеќе и дека веќе доволно ја познава областа за да знае што избира. Во основното образование има време и да учи и да истражува; не мора секој интерес веднаш да стане професионална насока. Поширокото искуство не го одложува изборот — му дава подобра основа за него. Пред детето да избере во што сака да се специјализира, треба да има можност да открие што сè постои.

Пред детето да избере во што сака да се специјализира, треба да има можност да открие што сè постои.

РЕСУРСИ ЗА РОДИТЕЛИ

Корисни текстови за родители, еднаш неделно.

Практични содржини за технологијата, учењето и развојот на децата — директно во вашето сандаче.

Може да се отпишете во секое време.

Во Еверест

Во Еверест децата не избираат рана „ИТ-професија“. Низ повеќегодишната програма работат на различни типови проекти и запознаваат различни дигитални области и начини на работа, а на дел од нив повторно се враќаат со нови задачи, посложена примена и поголема самостојност. Така можат истовремено да градат широка основа и постепено да откриваат каде сакаат да одат подлабоко.

Погледнете ја Програмата →
← Учење и развој
Споделете повторно