„Еве што направивме денес.“ Детето ви покажува презентација, анимација, табела, програма или некој друг проект и вие го гледате резултатот. Она што не можете да го видите е колку пати нешто сменило, каде заглавило, што морало дополнително да разбере, каква помош добило и што на крајот успеало да направи самостојно. Проектот е она што се гледа; учењето е и сè она што се случило за да се стигне до него.
Готовиот проект не покажува како детето стигнало до него
Два готови проекта можат да изгледаат слично, а да кријат многу различен процес на работа и различно ниво на поддршка.
Затоа за наставникот е важен не само резултатот, туку и процесот: што детето разбрало, каде застанало, што пробало и колку насока му била потребна за да продолжи.
Кога детето ќе заглави, почнува важен дел од наставничката работа
Однадвор, моментот може да изгледа едноставно: „Не знае што да направи.“ Но причините можат да бидат различни. Можеби детето не ја разбрало задачата, знае што треба да направи но не ја познава функцијата што му е потребна, направило мала техничка грешка или не може да одлучи кој од неколкуте пристапи е подобар. Затоа наставникот прво треба да разбере каде точно е проблемот.
Понекогаш е доволно да праша „Што очекуваше да се случи?“ или „Што веќе проба?“, другпат е потребна кратка насока, а некогаш треба директно да објасни или покаже нешто ново. Добрата наставничка поддршка не се препознава по тоа колку малку наставникот помага, туку по тоа дали помошта му овозможува на детето да го направи следниот чекор.
Грешката не е корисна само затоа што се случила
Често велиме дека „од грешките се учи“, но грешката сама по себе не гарантира ништо. Ако детето направи графикон што погрешно ги претставува податоците и некој само го поправи наместо него, проектот ќе изгледа подобро, а детето можеби нема ни да разбере што било погрешно. Важен е процесот што следува: да открие што не е во ред, зошто се случило, што треба да смени и како ќе провери дали новиот обид е подобар.
Истото важи кога кодот не работи, формулата дава чуден резултат или презентацијата е толку преполна што пораката се губи. Работата продолжува низ обид, проверка, откривање на причината, промена и нов обид. Родителот најчесто го гледа само последниот, успешен резултат, иако дел од учењето се случило токму во претходните обиди.
Помошта не треба секогаш да биде иста
Добар час не е оној во кој наставникот никогаш не покажува решение, но не е ни оној во кој за секоја пречка веднаш вели: „Кликни тука.“ Помошта може да биде прашање, потсетување, кратка насока, демонстрација или директно објаснување. Поважно од формата на помошта е што се случува потоа: кога детето ќе може да продолжи, наставникот постепено се повлекува и поголем дел од задачата останува кај детето. Така се гради самостојноста — чекор што денес бара насока, следниот пат може да бара помалку помош, а подоцна детето да го направи само. Токму таа промена тешко се гледа од фотографија на готовиот проект.
Што можете да прашате дома?
Не мора да знаете како функционира софтверот што детето го користело.
Наместо само „Што направивте денес?“, пробајте да прашате:
- Што беше задачата?
- Каде најмногу заглави?
- Што промени откако првиот обид не успеа?
- За што ти помогна наставникот, а што направи сам/сама?
Не барајте „точни“ одговори. Само слушнете ја приказната зад проектот.
Таа може да ви покаже многу повеќе за учењето од самиот финален производ.




